Унгарската телекомуникациска компанија Маѓар телеком во наредните неколку години планира да вложи нови 180 милиони евра во Македонија. Ова во Стопанската комора на Македонија го најави унгарскиот амбасадор Јожев Бенце. Околу 150 милиони евра ќе бидат инвестирани во фиксната мрежа на Македонски телеком, со што ќе се зајакне и зголеми капацитетот на инфраструктурата. Тука влегуваат следните проекти: Миграција на постојната мрежа со замена на дигиталните централи. Постојната мрежа ќе се замени со интегрирана мрежа целосно базирана на интернет протокол. Миграцијата започна на почетокот на октомври минатиот месец. Преку новата ИП (интернет протокол) технологија, во иднина ќе обезбедат иновативни услуги и решенија со врвен квалитет. За корисниците тоа практично значи воведување нови апликации и услуги, конвергенција на фиксни и мобилни телефонски услуги, пониски трошоци итн. Истовремено, овој проект ќе му овозможи на секое семејство во Македонија да добие пристап до широкопојасен интернет.
Унгарската телекомуникациска компанија Маѓар телеком во наредните неколку години планира да вложи нови 180 милиони евра во Македонија.
Ова во Стопанската комора на Македонија го најави унгарскиот амбасадор Јожев Бенце. Околу 150 милиони евра ќе бидат инвестирани во фиксната мрежа на Македонски телеком, со што ќе се зајакне и зголеми капацитетот на инфраструктурата. Тука влегуваат следните проекти:
1. Миграција на постојната мрежа со замена на дигиталните централи.
Постојната мрежа ќе се замени со интегрирана мрежа целосно базирана на интернет протокол. Миграцијата започна на почетокот на октомври минатиот месец.
Преку новата ИП (интернет протокол) технологија, во иднина ќе обезбедат иновативни услуги и решенија со врвен квалитет. За корисниците тоа практично значи воведување нови апликации и услуги, конвергенција на фиксни и мобилни телефонски услуги, пониски трошоци итн. Истовремено, овој проект ќе му овозможи на секое семејство во Македонија да добие пристап до широкопојасен интернет.
2. Проширување на оптичката мрежа во останатите градови низ Македонија.
Остатокот до 180 милиони се инвестиции за модернизација и надградба на мобилната мрежа на Т-Мобиле Македонија.
Маѓар телеком заедно со македонската Влада се двата најголеми акционери во Македонски телеком.
- Унгарија е еден од најголемите инвеститори во Македонија. Светската криза се одрази на билатералната економска соработка, но нашите напори за нејзино интензивирање продолжуваат - рече амбасадорот Бенце.
Освен телекомуникациите, идните унгарски бизнис-активности ќе се фокусираат во енергетиката, банкарството, туризмот, земјоделството и гасификацијата.
За што подиректна и поефикасна комуникација меѓу бизнисмените и надлежните институции од двете држави, односно нејзино подигнување на највисоко ниво, амбасадорот предлага формирање мешовит стопански комитет.
Бенце од Стопанската комора уште еднаш порача дека Унгарија во целост го поддржува процесот на македонското евроинтегрирање. Македонија, нагласи, мора да ги почне преговорите за членство во ЕУ иако се уште не е надминат проблемот со името. Тоа ќе даде исклучителен импулс за унапредување на економските текови.
- Ќе и дадеме целосна поддршка на Македонија за почеток на преговорите. ЕУ веќе трета година дава согласност дека земјата е подготвена иако се уште не е одреден датум - истакна унгарскиот амбасадор.
Вкупната трговска размена меѓу Македонија и Унгарија лани беше 115 милиони евра, а во првите осум месеци од годинава достигна 36,6 милиони долари. Остварен е извоз во вредност од 5,2 милиона, а увозното салдо е 31,4 милиони долари. Во однос на истиот период од 2010 година, извозот е зголемен за 11,3 проценти, а увозот е намален за 0,8 отсто. Вкупната размена, пак, бележи раст од 0,8 проценти.
Можности за зголемување на размената постојат во информатиката, управувањето со отпад, третманот со отпадните води, пазарот на недвижности. Покрај инвестирањето, велат од Комората, двете економии треба да соработуваат и во производството наменето за трети пазари, како и заеднички да настапуваат пред европските фондови.